АЕК распиша тендер за изработка на студија за влијанието на 4Г и 5Г-мрежите

Bez autora
Nov 30 2020

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша меѓународен тендер за изработка научна студија за влијанието на зрачењата од 4Г и 5Г-мрежите врз здравјето и околината.

Во документацијата за тендерот е наведено дека поради стравот кај јавноста, потребно е да се покаже теоретски и практично дека изложеноста на радиофреквентни електромагнетни полиња во разни микрооколини на постојните мобилни мрежи, вклучително и на новата 5Г-мрежа, се во согласност со сите светски препораки.

Тендерот е објавен во Бирото за јавни набавки, а заинтересираните компании, кои ќе ги исполнат бараните критериуми поврзани за стручноста, искуството и експертизата, своите понуди ќе може да ги доставуваат до 22 декември.

Избраната компанија со која ќе биде склучен договор ќе има обврска во рок од шест месеци да ја изработи бараната студија, која ќе биде и основа за понатамошните чекори што ќе ги презема АЕК поврзани за развој на безжичните телекомуникациски мрежи во земјата.

„Веројатно ниту една технолошка револуција не поминала без да предизвика страв кај одредена категорија луѓе. Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г-мрежата, која сега е во функција, сепак во АЕК постојано пристигнуваат поплаки што се мотивирани од страв од новата генерација 5Г-мрежи и барања да се отстранат антените за кои граѓаните сметаа дека се од новата генерација“, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Тој додава дека и мобилните оператори имаат проблеми во поставувањето антени за 4Г-мрежа, кои се инсталираат за подобра покриеност и подобри услуги.

„Денес, веќе е дојдена ситуација дотаму што секој нов предавател се смета дека е антена за 5Г-мрежа. Па, дури имавме ситуација каде што две антени без запалени, веројатно од оние што веруваат во опасноста од 5Г-мрежата, а кои сметале дека станува збор за такви антени. Затоа и решивме да распишеме меѓународен тендер за избор на компанија што ќе направи сеопфатно истражување, мерење и анализа за влијанието на 5Г-мрежата врз здравјето на граѓаните. Веруваме дека со неа ќе имаме документ од кој точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г-мрежата“, изјави Димитријоски.

Научната студија, како што е наведено во тендерската документација, треба да даде јасна слика за моментната ситуација со влијанието на зрачењата од телекомуникациските алатки поткрепена со факти, да разработи методологија за мерење, лоцирање и спроведување на мерењата, да содржи анализи и извештаи врз база на добиените информации и извршените мерења. Со неа треба да бидат објаснети зрачењата што ги создаваат телекомуникациските уреди, нивните гранични вредности на дозволена јачина на зрачење, дефинирано како максимално дозволено, за да не се премине прагот од нештетно во штетно зрачење врз здравјето на луѓето, како и заштита на околината.

„Територијата на Македонија е покриена со 2Г, 3Г и 4Г-мрежа, а операторите се во фаза на подготовки за изградба на 5Г, понатаму и 6Г и други генерации мрежи. Во јавноста се отвора дебата поврзана за влијанието на овие технологии врз здравјето и животната средина. Имајќи предвид растот на создадениот страв во јавноста, потребно е да се покаже теоретски и практично дека изложеноста на радиофреквентни електромагнетни полиња (RF RFM) во разни микрооколини на постојните мобилни мрежи, вклучително и на новата 5Г-мрежа, се во согласност со сите светски препораки“, стои во документацијата.

Научната студија треба да докаже и прикаже дали до денес постојат или се докажани некакви здравствени ризици од изложување на RF EMF-зрачења од јавните здравствени агенции и СЗО. Таа треба да опфати и теоретски објаснувања и видови зрачења, европската регулатива, директивите од меѓународни организации за телекомуникации, приказ на развој на мобилните технологии, научни стандардизации, како и примери од земји што имаат 3Г, 4Г и 5Г-мрежи и друго.

Исто така, велат од АЕК, се очекува таа да даде и препорака за употреба и изградба на постојната и идната 5Г-мобилна мрежа, каде да се изгради, растојание меѓу нив, како и процена на ризик за здравјето како резултат на изложеност на EMF во разни микросредини.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik